Наставник сведок на масакрот во Грац: „Бев сам во училница, видов како пукаше кон вратата – тоа чувство ќе ме прогонува долго“
Пасторот и наставник по веронаука Пол Ниче беше сведок на крвавиот напад што се случи во средното училиште BORG Dreierschützengasse во Грац, каде 21-годишен поранешен ученик усмрти десет лица, а потоа изврши самоубиство. Во потресно сведочење за австрискиот радиосервис Ö1, Ниче проговори за моментите на шок, бегството и чувството на беспомошност што го следи од тогаш.
„Ситуацијата беше навистина чудна. Имав час, но бев сам во училницата бидејќи матурантите веќе немаат настава. Во еден момент решив да не чекам тој да влезе – избегав низ ходникот кон скалите“, раскажува Ниче.
Во тие моменти, додека бегал од училиштето, накратко го здогледал напаѓачот.
„Го видов како се обидува да ја пробие бравата на една врата. Не можев да поверувам дека тоа навистина се случува. Тоа чувство, кога постојано си го поставуваш прашањето: ‘Дали ова е реално?’ – ќе ме следи уште долго, иако не бев директна мета“, додава тој.
„Ми треба стручна помош“
На прашањето како се справува со доживеаната траума, Ниче искрено признава дека му е потребна психолошка поддршка.
„Кога нешто се случува толку брзо што мозокот не може да го преработи, потребно е време за да се соочиш со тоа. Секое утро се собираме со колегите и учениците, разговараме со психолозите. Но, тоа е процес што ќе трае“, вели тој.
„Не го познавав напаѓачот“
Во врска со сторителот на нападот, Ниче вели дека никогаш не го запознал.
„Не го познавав. Интересно е што во нашите разговори речиси и не го спомнуваме. Иако е во центарот на трагедијата, тој за нас е спореден. Ние зборуваме за повредените, за преживеаните. Кога си на лице место, се фокусираш на она што е важно – животите“, потенцира наставникот.
Ден по нападот – тага и шок во училиштето
И ден по нападот, атмосферата во училиштето останува тешка и полна со неизвесност. Кризни тимови сè уште се присутни, додека учениците и наставниците се обидуваат да се справат со последиците.
„Сè уште не знаеме точно кои се жртвите. На сите ни е тешко“, изјави Ниче за австрискиот портал Heute.
Повик за единство
На крајот, наставникот испрати порака со надеж и повик за заедништво.
„Како граѓанин на Грац, оваа трагедија ме потсети на нападот што се случи во центарот на градот пред неколку години. По тој настан, луѓето се обединија, без разлика на вера или политички убедувања. Жалосно е што трагедија е потребна за да се случи тоа, но верувам дека повторно ќе најдеме сила да бидеме заедно и да го надминеме овој тежок момент“, заклучи Пол Ниче.






