Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 29-годишник осомничен за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи, согласно член 396 од Кривичниот законик.
При претрес на домот на осомничениот на улицата „Благоја Паровиќ“ во Скопје, пронајдено е поголемо количество нелегално оружје, муниција и експлозивни материи забранети за граѓаните. Меѓу пронајдените предмети се автоматска пушка калибар 7,62×39 мм, четири рамки со 120 куршуми и дополнителни 779 куршуми за автоматски, полуавтоматски пушки и митралези. Пронајдени се и 3 рамки со 51 куршум калибар 9 мм Para, дополнителни 136 куршуми за автоматски и полуавтоматски пиштоли, како и 31 куршум со калибар 7,65 мм.
Особено загрижувачка е рачната граната модел РГД 5 од офанзивен тип, со ефективно убиствено дејство до 20 метри и ранувачко до 30 метри.
Осомничениот поседувал и огнено оружје без дозвола, меѓу кои преправен пиштол ZORAKI М 906-B, пневматски пиштол SIG SAUER M17, полуавтоматски пиштол RANGER RA9 и 51 куршум за светлосно-звучна сигнализација.
Сите пронајдени оружје, муниција и експлозивни материјали се одземени, а поради опасност од бегство и можност за повторување на делото, обвинителството до Судот достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.







