Русија има амбициозен план за територијално проширување во Украина кој, според украински официјални лица, предвидува целосно заземање на источниот дел од земјата и отсекување од Црното Море до крајот на 2026 година. Ова го тврди заменик-шефот на кабинетот на украинскиот претседател, полковник Павло Палиса, кој објави мапа со проекциите на руските воени цели.
Според оваа мапа, Москва до 1 септември годинава планира да ги заземе целите области на Доњецк и Луганск, а до крајот на следната година да воспостави контрола врз цела Украина источно од реката Дњипро, како и областите Одеса и Миколаив на југозападот. Со тоа би ѝ бил оневозможен пристапот на Украина до Црното Море — стратешки и економски витално значење за земјата.
Рускиот притисок на фронтот ескалира. Министерството за одбрана на Русија тврди дека нивните сили пробиле во Дњипропетровската област, а на социјалните мрежи се појавија снимки за кои се тврди дека ги прикажуваат тенковите во регионот. Иако автентичноста на тие снимки не е потврдена, тоа ги засилува стравувањата за ширење на офанзивата.
Исто така, се појавија извештаи дека руските сили напредувале северно од градот Суми. Меѓутоа, американскиот Институт за проучување на војната (ISW) засега не го потврди тоа. Она што ISW го потврди е мапата на Палиса, на која се прикажани плановите за освојување на уште 13.600 квадратни километри до септември 2025, како и воспоставување на т.н. тампон-зона до крајот на годинава, со конечна цел контрола врз вкупно 207.000 квадратни километри украинска територија.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев ја нарече оваа операција дел од „новата реалност на теренот“, што е формулација која Кремљ често ја користи за да изврши притисок во контекст на мировните преговори. Аналитичарите предупредуваат дека ова не е само офанзива, туку стратегија за создавање предност во секој идниен дипломатски обид за прекин на војната.
Сепак, некои воени експерти, вклучително и британскиот аналитичар Џек Вотлинг, сметаат дека Русија ќе има тешкотии да го одржи ваквото темпо. Според него, Москва ќе се обиде да тестира украинската одбрана во Суми и Запорожје, како и да ја заземе Константиновка и Покровск во Доњецк, но нема капацитет за долгорочна ескалација, особено не по почетокот на 2026 година.
„Ако Украина не преземе ништо, ако околкува или остане пасивна, Русија ќе продолжи да напредува“, изјави Елина Бекетова од Центарот за анализа на европска политика (CEPA), нагласувајќи дека не станува збор само за одбрана, туку за опстанок.







