Русија би можела да го тестира принципот на колективна одбрана на НАТО со провокации надвор од Украина, предупреди директорот на германската разузнавачка служба (BND), Бруно Кал. Во интервју за германскиот медиум Table Media, Кал изјави дека дел од руските власти веќе не веруваат дека членот 5 од Северноатлантскиот договор навистина ќе се активира во случај на напад врз некоја од земјите-членки.
„Во Москва има луѓе кои повеќе не веруваат дека членот 5 функционира. И сакаат да го тестираат тоа“, рече Кал, потенцирајќи дека Русија би можела да предизвика конфликт со низок интензитет, наместо со директен напад.
„Не мора да пратат тенкови – доволно е да испратат ‘мали зелени’ во Естонија, под изговор дека ја штитат руската малцинска заедница,“ објаснува шефот на BND, алудирајќи на руските војници без обележја кои во 2014 година го зазедоа Крим.
Изјавата доаѓа во период на зголемена загриженост во НАТО поради воените амбиции на Кремљ. Новиот генерален секретар на Алијансата, Марк Руте, неодамна изјави дека Русија би можела да биде подготвена за напад врз НАТО во наредните пет години.
Ситуацијата е дополнително усложнета со промената на американската администрација. Претседателот Доналд Трамп во неколку наврати јавно ја доведе во прашање подготвеноста на САД да ги бранат сојузниците кои не инвестираат доволно во сопствената одбрана. Истовремено, најавена е и можна редукција на американското воено присуство во Европа.
Новата германска влада, предводена од канцеларот Фридрих Мерц, се обидува да ја зацврсти трансатлантската соработка. Мерц неодамна беше во Вашингтон на средба со Трамп, но замина без конкретни гаранции во врска со иднината на НАТО и поддршката за Украина.
Според западни и украински разузнавачки извори, Русија би можела да се подготвува за конфронтација со НАТО по завршувањето на војната во Украина, особено ако западните земји се согласат на компромисен мировен договор кој ќе вклучува укинување на санкциите.







