Најмалку 17 Палестинци се убиени денеска во престрелка во близина на место за дистрибуција на хуманитарна помош во централниот дел на Појасот Газа, соопштија локалните здравствени власти. Нападот се случил во близина на пунктот на Хуманитарната фондација на Газа (GHF), организација поддржана од САД.
Според лекарите, повредените биле итно префрлени во две болници — „Ал-Авда“ во бегалскиот камп Нусеират и „Ал-Кудс“ на северот од енклавата, пренесе агенцијата „Ројтерс“. Израелската армија соопшти дека го истражува инцидентот.
Хуманитарната фондација GHF започна со дистрибуција на пакети со храна кон крајот на мај, но пристапот до овие локации претставува сериозен предизвик за цивилите. Многу жители на Газа сведочат дека мора да пешачат со часови, често уште пред зори, за да стигнат до безбедносните зони и да имаат шанса да добијат храна.
Иако фондацијата тврди дека не се евидентирани инциденти на нивните безбедносно обезбедени локации, Палестинците изнесуваат спротивни тврдења — зборуваат за нереди на самите пунктови, а на патот до таму владеат хаос и смртоносно насилство.
Израел дозволи ограничени хуманитарни операции под водство на ОН на 19 мај, по 11-неделна блокада на територијата со 2,3 милиони жители. Стручњаците предупредуваат дека хуманитарната состојба во енклавата е критична, со ризик од глад. Обединетите нации ја опишаа хуманитарната помош што досега е дозволена како „капка во море“.






