Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија остро ја осуди заплената на хуманитарниот брод што превезуваше активисти и помош за Газа, оценувајќи ја израелската интервенција како нелегална. Во соопштение објавено на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер), се посочува дека овој чин е „остар потсетник на катастрофалната хуманитарна состојба во Газа“.
Израелските сили го пресретнаа и запленија бродот „Мадлен“ во понеделникот рано утрината, спречувајќи ја неговата мисија за достава на итна помош во опколената палестинска енклава.
„Додека екипажот на ‘Мадлен’ се враќа дома, милиони луѓе, вклучително и заложници, остануваат заробени во Газа. Потребни се веднаш прекин на огнот и безбеден, масовен и итен хуманитарен пристап“, нагласи словенечкото министерство.
На хуманитарниот брод се наоѓаа вкупно 12 активисти, меѓу кои и шведската климатска активистка Грета Тунберг и француско-палестинската пратеничка во Европскиот парламент, Рима Хасан.
Покрај нив, на бродот биле и: Јасемин Аџар од Германија, Батист Андре, Паскал Мориерас, Јанис Мхамди и Рева Вијар од Франција, Тиаго Авила од Бразил, Суајб Орду од Турција, Серхио Торибио од Шпанија, Марко ван Ренес од Холандија и новинарот на „Ал Џазира Мубашер“, Омар Фајад од Франција.





![Халата на Македонски Железници која беше запуштена со години, конечно доби нов лик [ВИДЕО]](https://bulevar.com.mk/wp-content/uploads/2025/06/screenshot-2025-06-10-104210.png)

