Русија со еден од најмасовните воздушни напади врз Киев – над 300 дронови и ракети
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Русија ноќеска го извршила еден од најмасовните воздушни напади врз Киев, користејќи 315 дронови и седум ракети, при што биле погодени и други региони низ земјата.
„Руските ракетни напади и ударите со дронови-‘шахеди’ ги поткопуваат напорите на САД и меѓународната заедница да ја принудат Русија на мир“, напиша Зеленски на социјалната мрежа „X“.
Според украинските воздушни сили, противвоздушната одбрана успешно пресретнала 284 од вкупно 322 проектили и беспилотни летала испратени од Русија.
Нападите се случиле рано изутрина и погодиле повеќе украински градови. Во Одеса, според првичните информации, загинале најмалку две лица, а деветмина се повредени. Во Киев, четири лица се здобиле со повреди.
Украинските власти оценуваат дека станува збор за еден од најинтензивните и најраспространети напади од почетокот на руската инвазија.






