Според најновите податоци на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Русија од почетокот на целосната инвазија на 24 февруари 2022 година изгубила вкупно 998.080 војници. Само во изминатите 24 часа, руските сили, според Киев, претрпеле дополнителни 960 човечки загуби.
Покрај големиот број жртви, Украина тврди дека Русија изгубила и значителна количина воена техника. Досега, уништени се речиси 11.000 тенкови и над 22.000 оклопни борбени возила. Генералштабот дополнува дека уништени се и повеќе од 51.000 воени и логистички возила, како и речиси 29.000 артилериски системи.
Значајни загуби, според украинските извори, претрпела и руската авијација и противвоздушна одбрана. До овој момент, украинските сили собориле 416 авиони и 337 хеликоптери, како и над 40.000 беспилотни летала. Дополнително, уништени се 1.183 системи за противвоздушна одбрана и 1.412 повеќецевни ракетни фрлачи.
Метa на нападите, како што соопштува украинската армија, биле и руските поморски сили. Досега се уништени 28 бродови и чамци, како и една подморница.







