Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека во четврток ќе се одржи нова рунда разговори меѓу САД и Иран во врска со иранската нуклеарна програма. Според него, главната пречка за постигнување договор е инсистирањето на Техеран да продолжи со збогатување ураниум.
„Моментално многу работиме на прашањето со Иран. Тие се тешки преговарачи… Одлични преговарачи, навистина“, изјави Трамп на економски настан во Белата куќа.
Тој додаде дека Иран „бара нешта кои не можат да се реализираат“ и дека „не сакаат да се откажат од она што мораат да го отстапат“.
„Нивниот фокус е збогатувањето. Ние тоа не можеме да го дозволиме. Сакаме токму спротивно – да го стопираат. А засега нема најава за тоа“, нагласи Трамп.
Претседателот исто така откри дека разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, посветувајќи дел од разговорот токму на иранското прашање. „Разговорот беше добар. Ни дадоа свое мислење за можен договор. Јас реков – тоа едноставно не е прифатливо“, рече Трамп.
Техеран, според најавите, се подготвува да испрати нов контрапредлог до Вашингтон, додека двете страни продолжуваат да ги тестираат дипломатските можности за стабилизирање на ситуацијата.






