Лавров: Односите меѓу Москва и Вашингтон подобри отколку во времето на Бајден
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека односите меѓу Москва и Вашингтон веќе се наоѓаат во подобра и понормална позиција во споредба со периодот на администрацијата на поранешниот американски претседател Џозеф Бајден.
„Верувам дека сме во подобра и нормализирана состојба во споредба со времето на администрацијата на Бајден, која – да бидам искрен – по охрабрувачкиот самит меѓу Путин и Бајден во Женева во јуни 2021 година, за жал, направи не 360, туку 180 степени пресврт и ги затвори сите канали на комуникација“, рече Лавров на меѓународниот „Форум за иднината – 2050“.
Шефот на руската дипломатија додаде дека меѓусебниот однос помеѓу Владимир Путин и Доналд Трамп функционирал на прагматично ниво и бил базиран на директна комуникација.
„Односите воспоставени меѓу двајцата претседатели за време на првиот мандат на Доналд Трамп беа работни. Немаше потреба од долги воведи или формални предуслови – веднаш се навлегуваше во суштината на проблемите за време на нивните редовни телефонски разговори. Така и треба да биде. Секогаш е подобро ставовите да се искажат директно, тогаш нема простор за илузии или неостварени очекувања“, нагласи Лавров.






