Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека не гледа реална воена закана од Русија кон земјите членки на НАТО, бидејќи Москва не успеала да ги оствари своите цели во Украина. Сепак, тој додаде дека Украина го губи воениот конфликт.
Во интервју за француската информативна телевизија LCI, Орбан рече дека не стравува од можноста руско-украинската војна да прерасне во глобален судир.
„Русите се преслаби за такво нешто. Ако не можеа да ја поразат Украина, тогаш не можат ниту да го нападнат НАТО“, оцени Орбан.
Во врска со иднината на конфликтот, Орбан посочи дека вистинските мировни преговори нема да се водат меѓу Украина и Русија, туку директно меѓу Москва и Вашингтон.
„Ниту Европа, ниту Украина не се во позиција да постигнат договор со Русија. Украина затоа што го губи војниот конфликт, а Европа затоа што е премногу инволвирана. За вистинско решение потребен е договор меѓу Русија и САД“, изјави унгарскиот премиер.
Орбан претходно предупредуваше дека реториката на западните сојузници, особено околу можноста за испраќање воени трупи во Украина, создава реална закана од избувнување на Трета светска војна.
Тој исто така ги поврза ограничувањата за членство на Украина во Европската унија со нејзиниот статус надвор од НАТО, оценувајќи дека двете перспективи се меѓусебно зависни и сè уште далечни.






