Здружението „Инженери на Република Македонија“ денеска ги повика Владата и Министерството за транспорт да ја преиспитаат трасата на идната брза железничка пруга, со цел да не се загрози реализацијата на стратешкиот енергетски проект „Вардарска долина“.
Во претставка поднесена до надлежните институции, инженерите бараат да се исклучи можноста новата железничка линија да поминува низ просторот резервиран за изградба на хидроелектраните, оценувајќи дека тоа би го компромитирало потенцијалот за развој на обновливи извори на енергија и би ја попречило енергетската иднина на земјата.
„Во време кога светот се стреми кон обновливи извори на енергија и одржлив развој, ‘Вардарската долина‘ се наоѓа на крстопатот на историската одлука на оваа Влада што ќе го одреди правецот на нашата енергетска иднина. Дванаесетте хидроелектрани планирани во оваа регија не се само инфраструктурни проекти – тие се стратегиски столб на домашната економија, извор на чиста, зелена енергија и значителен потенцијал за раст и просперитет на Македонија“, се вели во соопштението.
Инженерите посочуваат дека проектот „Вардарска долина“ не нуди само енергетска стабилност, туку и бројни економски и еколошки придобивки: намалување на зависноста од фосилни горива, подобра заштита од поплави, управување со водните ресурси, поголем аграрно-производствен капацитет преку системи за наводнување и заштита на плодното земјиште од ерозија.
„Придобивките од обновливата енергија се инвестиција не само во денешницата, туку и во иднината на нашите деца и внуци. Но, потенцијалот на овој проект е загрозен од тековните планови за трасата на брзата пруга, која, ако се реализира по постоечкиот колосек, ќе ја исклучи можноста за развој на хидроенергетските капацитети во ‘Вардарската долина’. Ова не е само техничко прашање, туку морална и еколошка одговорност да не им го одземеме правото на идните генерации да ја користат енергијата и придобивките од акумулациите што ‘Вардарската долина’ може да ги понуди“, наведуваат од Здружението.
Тие истакнуваат дека трасата на брзата железничка пруга може да се адаптира и пренасочи на локации кои ќе овозможат хармоничен развој и на транспортната инфраструктура и на хидроенергетиката.
„Го повикуваме Министерството за транспорт да не го наруши концептот ‘Вардарска долина’. Само така можеме да изградиме иднина во која енергијата слободно ќе тече по Вардар, а со неа и просперитетот за сите нас“, апелираат инженерите.
Железничката пруга – државна инвестиција од две милијарди евра
Министерот за транспорт Александар Николоски, во интервју за емисијата „360 степени“, најави дека државата ќе инвестира околу две милијарди евра во изградба на брза пруга на релација Табановце – Гевгелија. Според плановите, пругата треба да биде готова до 2031 година, а враќањето на инвестицијата се очекува за 10 до 12 години.
Со ова, прашањето за усогласување на двете клучни инфраструктурни иницијативи – железничката и хидроенергетската – се поставува како еден од најголемите предизвици за националното планирање и развој.







