Здравите црева се клучен темел за добро здравје и долговечност, а сè повеќе научни истражувања укажуваат на значењето на разновидна и балансирана цревна микробиота. Иако микробиомот има способност да се прилагоди, одредени секојдневни навики можат да предизвикаат воспаление, да ја нарушат рамнотежата на корисните бактерии и да го забрзаат стареењето на дигестивниот систем.
Група диететичарки и нутриционистки за порталот Eating Well откриваат кои навики најмногу му штетат на дигестивното здравје — често без ние да сме свесни за тоа.
Еднолична исхрана
Консумирањето иста храна секој ден ја ограничува разновидноста на микробиомот. Нутриционистката Аманда Сауседа предупредува дека различните видови растителни влакна обезбедуваат различни хранливи материи кои ја поттикнуваат добрата микрофлора. Наместо тоа, многумина се хранат со преработена храна сиромашна со влакна, што води до воспаленија и нарушувања на микробната рамнотежа.
Често грицкање
Континуираното јадење, без паузи меѓу оброците, го спречува природниот механизам за прочистување на дигестивниот тракт. Нутриционистката Марси Васке објаснува дека цревата имаат потреба од периоди на одмор за да се активира т.н. мигрирачки моторен комплекс (MMC), кој ги отстранува остатоците од храна и бактерии.
Хроничен стрес
Долготрајниот стрес не влијае само на менталното здравје, туку директно и на дигестивниот систем. Нутриционистката Џули Балсамо вели дека “стресот не се чувствува само во главата — го чувствуваат и цревата”. Според гастроентерологот Асма Хапра, хроничниот стрес може да ја наруши пропустливоста на цревната бариера, да ја промени микробиотата и да го ослаби имунолошкиот одговор, зголемувајќи го ризикот од воспалителни и функционални нарушувања.
Недоволен внес на растителни влакна
Околу 90% од луѓето не ја достигнуваат препорачаната дневна количина на влакна, што ги лишува цревата од “горивото” потребно за одржување на корисните бактерии. Нутриционистката Алиса Симпсон предупредува дека без доволен внес на влакна, заштитниот слој на цревата се разградува, што ги прави поранливи на воспаленија и инфекции.






