Поради најавениот пораст на температурите, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) издаде низа препораки со цел заштита од горештините, особено во периодот од 11 до 17 часот, кога ризикот по здравјето е највисок.
Најважните мерки што се препорачуваат се: избегнување престој на сонце во најжешкиот дел од денот, носење лесна и широка облека во светли бои, капа со широк обод, очила за сонце, како и престој во климатизирани простории кога тоа е можно.
ИЈЗ апелира до сите граѓани, но посебно до ранливите групи – лица постари од 60 години, деца, бремени жени, хронично болни, лица со прекумерна телесна тежина, оние со ментални нарушувања и лица на специфични медицински терапии – да ги следат препораките со особено внимание.
„Ако неопходно е да се престојува на отворено, се советува почесто одмарање во сенка, избегнување директно сонце, зголемен внес на течности, пред сè вода – и тоа без да се чека чувство на жед. Никогаш не оставајте деца, стари лица или животни во затворени возила, дури ни за кратко време“, предупредуваат од Институтот.
Дополнително, се препорачува туширање со млака вода или ставање ладни облоги на телото за разладување, а хронично болните лица да не ја прекинуваат терапијата и да се консултираат со матичен лекар при какви било промени.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денешниот ден ќе биде сончев и исклучително топол, со минимални температури меѓу 11 и 19, а максимални до 38 степени Целзиусови. Во Скопје се очекува сончево и многу топло време, со максимална температура од 38 степени.






