Бродот „Мадлеен“ исплови како одговор на целосната израелска блокада на палестинската енклава Газа, која почна на 2 март и доведе до смрт на стотици жители од глад.
Овој брод, кој плови во рамките на Коалицијата „Флотила на слободата“ (FFC), е на пат кон Газа, носејќи хуманитарна помош и активисти за човекови права кои протестираат против, како што велат, незаконската израелска блокада на енклавата.
Според хуманитарните организации, повеќе од 90 отсто од 2,3 милиони жители на Газа се соочуваат со остар недостиг на храна. „Мадлеен“ во моментов се наоѓа на неколку часа оддалеченост од Газа, а неговата локација може да се следи преку Garmin уред на специјализирана онлајн страница.
Меѓу 12-те активисти на бродот е и познатата климатска активистка Грета Тунберг. Покрај неа, на бродот се и следните хуманитарци кои отпловиле пред седум дена од италијанскиот град Катанија:
Рима Хасан – француско-палестинска пратеничка во Европскиот парламент
Јасемин Акар – Германија
Батист Андре – Франција
Тјаго Авила – Бразил
Омар Фајад – Франција
Паскал Мориерас – Франција
Јанис Мхамди – Франција
Сујаб Орду – Турција
Серџио Торибио – Шпанија
Марко ван Ренес – Холандија
Рева Виард – Франција
Рима Хасан преку социјалната мрежа X информира дека активистите очекуваат дека израелската војска ќе ги пресретне при приближувањето кон обалата. Таа тврди дека Израел ќе распореди ракетен чамец и елитни командоски сили со цел да ја запре мисијата.
Палестинската енклава Газа е под израелска копнена, морска и воздушна блокада од 2007 година.
„Мадлеен“ го напушти Сицилија на 1 јуни, само еден месец по израелските воздушни напади врз друг брод на FFC со хуманитарна помош на пат кон Газа.
Ова е најновиот обид за испорака на помош во Газа, каде што израелските бомбардирања однеле повеќе од 54.000 животи.
Израелските медиуми пренесуваат дека војската нема да дозволи бродот да стигне до Газа и дека активистите ризикуваат притвор и заплена на бродот доколку не ги послушаат наредбите на израелските сили.






