Две желки од загрозената хималајска врста Melanochelys tricarinata се успешно изведени во заробеништво во паркот „A Cupulatta“ на францускиот остров Корзика — што претставува вистинска реткост, соопшти управата на паркот за агенцијата AFP.
Привремено наречени „Трик“ и „Трак“, двете младенчиња се родени на 19 мај и 1 јуни, и тежеле 9,64 и 8,89 грама. Нивниот пол нема да може да се утврди сè до пет или шест години, изјави директорот на паркот, Пјер Моасон.
„Луди се по глистите“, рече Моасон, додавајќи дека паркот сè уште собира предлози за нивно конечно именување.
Овие копнени желки со темен оклоп и три жолти линии се сештојади, потекнуваат од подножјето на Хималаите, достигнуваат должина до 20 сантиметри и тежат најмногу еден килограм. Видот се наоѓа на Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN).
Во 2017 година, царината во Хонгконг заплени 98 примероци од оваа ретка врста кои потекнуваа од Индија. За да се избегне истребување поради болести, властите во Хонгконг решија дел од популацијата да ја преместат во сигурни паркови во Европа. Фармата и ботаничката градина „Kadoorie“ од Хонгконг, која се грижеше за желките од 2017 година, испрати пет мажјаци и пет женки во центарот Emys во Швајцарија преку организацијата Turtle Survival Alliance (TSA) Europe, додека паркот „A Cupulatta“ доби две неберемени женки и два мажјаци.
Во мај 2024 година, во Вéр, Франција беше родена и џиновска галапагоска желка, исто така загрозен вид. Таа доби име „Дарвин“ и неодамна го прослави својот прв роденден.







