Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа делумно го оправда масовниот руски напад врз украински градови, велејќи дека бил очекуван одговор на украинската операција „Пајажина“. Во изјава за новинарите во претседателскиот авион Air Force One, Трамп изјави: „Му дадоа на Путин причина да ги срамни со земја со бомбардирање (bomb the hell out of them) минатата ноќ. Тоа е она што не ми се допаѓа.“
Русија ноќта на 6 јуни започна масовен напад со ракети и дронови врз Украина, при што беа погодени главниот град Киев, поголемите градови и најзападните делови на земјата. Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, нападот резултираше со четири загинати, меѓу кои и припадници на итните служби, и 80 повредени.
Рускиот напад следеше само еден ден по телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп, во кој рускиот претседател најави одмазда поради украинската операција „Пајажина“.
На 1 јуни Украина изврши смел напад со дронови врз четири клучни руски воени аеродроми, при што, според тврдењата од Киев, беа уништени или оштетени 42 авиони, меѓу кои и стратешки бомбардери и ретки извидувачки летала А-50. Оваа операција, според украинските власти, ја намалила руската флота на стратешки бомбардери за 34% – што се смета за една од најодважните акции во војната досега.
Трамп, кој на 5 јуни предупреди дека одговорот на Русија „нема да биде убав“, повтори дека повикувал на воздржаност: „Реков дека не треба да го прават тоа. Треба да престанат.“
И покрај јавните повици за прекин на непријателствата, Трамп досега избегнуваше да воведе нови санкции против Русија. На новинарско прашање кога ќе ги активира, тој одговори: „Имам рок во глава“, но не прецизираше кога.
Во порака на платформата Truth Social од 27 мај, Трамп откри дека досега ја штител Русија од дополнителни притисоци. „Она што Путин не го сфаќа е дека, да не сум јас, Русија веќе ќе се соочеше со многу лоши нешта. И тоа навистина лоши. Си игра со оган“, напиша тој.






