Д-р Елена Етингер – Каваева починала во 1983-та година, на 90 годишна возраст . Старата Еврејка , која цели педесет години, од својот исклучително плоден живот како лекар и хуманист , му ги подари на Охрид и неговите граѓани, прочитајте ја нејзината животна приказна:
„Страшно време беше , немаштија, беда сеопшта, глад ….иделизам!
Па следуваа борби на фронтот , ранети безброј , со денови и ноќи неспиење…
И така минуваат седмици, месеци …. Истоштеност непојмлива , до последниот дамар .
А имаше и недоразбирања – наши пријатели страдаа, беа обвинувани …и некој требаше да ги застапува пред властите . Кој !? Петиција од 5.000 потписи бара Владо мој да биде конзул за сите Јужни Словени , море за сите Балканци …и грци и сите .
Ленин се сложи – Владо нема каде .
-Владо да нė извлечи како Мојсеј Евреите – запнаа , а ние , малку ли
ни беа нашите лекарски обврски…..ама и Владо како да го влечи носталгија , родниот крај .
-Истоштени до немајкаде бараме излез . А како ќе излезеш од тогашна Советска Русија која нема односи со никого , парите советски никој не ги признава…
Пак Ленин помогна . Му ветуваме дека еден ден пак ќе се вратиме !
И ќе се вратевме , да беше жив тој “. – сведочење на д-р Елена Етингер Каваева, еден од основоположниците на македонската здравствена заштита на охридско-струшкиот крај и во Македонија од болеста маларија.

– Јас сум родена во Ченстохова , денешна Полска , од родители
Јузеф и Регина Етингер . Татко ми беше инженер по хемија и шумарство, инаку фабрикант , сопственик на фабрики за хартија…..ама јас дел од детсвото и младешките години ги минав на учење во Швајцарија .
Брат ми Адам , повозрасен од мене , уште во студенстките дни се занимавал со напредни револуционерни активности , па уште во почетокот на векот (дваесеттиот век, б.м) беше протеран од родниот крај , од страна на тогашните руски власти и тој замина во Берн , таму студираше а подоцна стана професор на Правниот факултет . Јас преку летото , уште од најмали нозе го посетував неговото семејство , а подоцна во Берн се школував .
Во 1910 преминавме во Берлин , за да сме поблиску до родниот крај…
Јас запишав студии по медицина, а кон крајот на 1913 ја одбранив и докторската дисертација . Отидов во Санкт Петерсбург да полагам државен испит за да можам да работам низ Русија, како државјанин руски , па пак назад во Берлин , кадешто нė затекна и почетокот на Првата Светска војна . Беше страшно .
Период на мобилизација , јас без работа , брат ми и снаа ми со мали професорски плати , границите се затворија – материјалната помош од татко ни’ не пристига….стана просто невозможен животот за руски емигранти…
Со помош на пријатели сė се надминува – најдов работа како придружничка доктор на еден руски генерал во поодминати години . Тој бил затечен на бањско лекување во околината на Берлин , а како кум на царот Николај Романов , бил трампан за германски високи офицери ли , генерали…
И јас тргнувам со него… почеток на јануари 1915 преку Балтикот,
па Шведска , замрзнатата Финска …и накрај во Петроград , односно се уште тогаш беше Санкт Петерсбург. Тмау, пак без работа . Талкам , лутам две недели ….само на вода топла и сув лебец .
Конечно работа – на струката , лекар во 169 Воена болница…`

И токму таму во тоа време невреме се запознава со Владо Кавај, инаку нејзин претпоставен доктор, кој зад себе иако млад, имал мошне интересна животна историја.
Д-р Владимир Кавај бил роден во 1889 година во Охрид, како втора рожба на Фросина од Аљчета Пенда и стружанецот Јаким Кавај, од познат попски сој чиј татко попа Јосиф Кавај бил набиен на кол од тогашните злодејци
во с. Радожџа!
Владо од мал бил склон кон учењето, но заради ограничените семејни материјални можности многу тешко можел да ја оствари својата неизмерна желба па превзел мошне ризичен чекор и на десетгодишна возраст, и покрај волкјата на така си, но сепак со егов благослов и една бела меџидија добиена од мајка си, тргнува низ белиот свет приклучувајќи се кон еден карван тргнат од Елбасан, преку Охрид и Битола со крајна цел Цариград. Патешествието му завршува во Битола. Во еден ан покрај Драгоро, се главил како прислужник- мијач на садови, вари кафе…и учел !
И така , тука останува речиси годинаиполовина, па го продолжува патот за Солун. Таму, по случај на околности го сретнува Јане Сандански, кој го поведува со себе си во Неврокоп, за подоцна да му препорача на егзархот Јосиф умното момче да го испрати на учење за духовник во цариградската семинарија. Бистро момче, лесно се снаоѓал во изучување на јазиците, станува полиглот и преведувач…и жнеел успеси како за време на школувањето во Охрид и Битола, и тука бидува првенец на семинаријата и за награда го упатуваат во Света Гора. Монашкиот живот не одговарал на неговиот љубопитен дух, па некако успева да запише студии по медицина во Бејрут, каде заминува заедно со Лев Огненов на Американскиот медицински институт. Но и тука немал среќа, по две години Американците го затвораат институтот па Владо кавај решен да ги заврши медицинските науки, му пишпува на својот пријател Сава Чукалов да му се најде во Петроград. Таму се запишува на Военомедицинската академија, која со успех ја завршува и добива работа во 169 петроградска болница!
`- И таму ли го запозна нашиот Владо Кавај , роден во Охрид ?
– Да , тоа беше 1916 година , почетокот… Дојде како млад доктор – ќе каже Елена во запис на новинарот Владо Жура.
Елена Етингер Каваева била активен учесник во Октомвриската социјалистичка револуција во Русија, личен пријател на Ленин и помагач на НОВ во Македонија. Заедно со својот сопруг д-р Влдимир Каваев влезе во енциклопедиите на медицинските науки.
`Јас не учев и не дојдов тука да печалам, ами да лекувам болни , да бидам од полза
за народот….`е нејзина најпозната реченица која го одбележува нејзиното дело.

-И не се населивме веднаш во Охрид , ами најпрвин во Струга , а потоа држевме пракса во Албанија, па сетне во Охрид, дури дваесетиседмата .
А Струга немаше вода за пиење , освен од Дримот , маларија царуваше, цревен тифус….болести , умирачки ….
-Се зафативме најпрвин со изградба на антималарична станица , па
набавивме багер /малку владата , малку татко ми Јузеф помогна со пари/ започна исушувањето на блатото , мочуриштата – леглата на комарците , па искоренување на примитивизмот , првите јавни бањи, па перални …..што да ви кажувам тоа беа години во кои преку зимата во малката Струга имаше и по 400 случаи на заболени од ендемичен тифус.
-Оттука , по направените први чекори на нашата пионерска работа,
тргнавме за Албанија.
Јас бев живо чудо .
Кој видел дотогаш таму жена доктор . Море викнаја комисија , лекари
турски , па полагав државен испит , а имав веќе специјализирано во Берлин.
Животот тогаш беше ептен примитивен , без електрично осветление , без вода за пиење , по селата спиеја на слама заедно со животните….. Беда невидена.
-И така Д-р Етингер – Каваева дојде во Охрид .
-Да …во дваесетиседмата беше !

Добро , тука не беше како во другите места – но сепак креветот
беше реткост . Луѓето, вистина, беа поздрави , имаше многу зеленило , многу градини , бавчи , овошје и зеленчук секаков , па риби многу … а имаше и опитни доктори . Знаете како ….поголемо место!.
Но , за жал набрзо останав вдовица , со малечко девојче…тежок е животот и неправедлив .
(Владо Кавај, големиот хуманист и лекар, воедно автор на `Англо-арапски-персиско-турски`речник и голем вљубеник во археологијата, кој често го среќавале кај куќата од Благуна од Ѓоргалета (денешниот Антички театар), немал среќа – животниот пат му бил краток. Заболува од рак на грлото и починал при самата операција во Загреб 1931 година. Таму му била и гробнината. Кога разбрал стариот Јузеф Етингер, таткото на Елена, веднаш допатувал од Полска за да ја врати дома ќерката заедно со малечката внука.
Бил богат, имал сопствена фабрика за хартија. Но, таа не сакала да ја напушти Македонија. Ќерката Рења подоцна кажуваше дека мајка и`никогаш не и’ кажала зошто не си заминала во Полска, никогаш не и’ ја отворила душата.)
-Едно време останав сама доктор во Охрид . Втората Светска војна беше . Другите доктори ги мобилизираа… јас сама . Сиромаштија голема . Луѓето горделиви – немаат пари, не можат да платат….не ме викаат !
Ама јас знам , и сама ако требаше и на полноќ и по три пати ноќе кај болните одев. Зедов обврска да лекувам болни , народ, а не да печалам пари….
Помина и Војната .Со сите нејзини страотии… Четириесетиседмата , зимата ….студ невиден . Нė викаат во Скопје , на курс….трае со недели . Ни огрев , ни јадење…. тогаш заработив гастритис и чир , а и некои колеги веќе идниот курс не ги видов – се разболеле , починале . А, не’ имаше само девет детски лекари во цела Македонија.
-Во 1948 година , на 15 март , го формирав детсткиот диспанзер во
Охрид и оттогаш , па се до пензионирањетово 1966 им се посветив исклучиво на децата , нивното здравје , лекување….полни дваесет години .`
(Репортажа емитувана на Радио Охрид, 1975) -објавена од Публицитет.мк







