Еден рудар од Пробиштип и една работничка од Пехчево се здобиле со повреди при извршување работни задачи, соопшти Секторот за внатрешни работи – Штип.
Според денешниот полициски билтен, утринава во 2:50 часот во ОВР Пробиштип било пријавено дека во Јавната здравствена установа Пробиштип бил донесен 43-годишниот С.К. од селото Злетово. Тој се здобил со повреди додека работел во рудник во Пробиштип.
Во друг случај, вчера во 11:34 часот, во СВР Штип било пријавено дека во Итната медицинска помош Пехчево со повреди била донесена 43-годишната М.П. од село Црник. Таа се повредила при работа во фирма, во машински погон. Полицијата веднаш извршила увид на местото на несреќата.
Надлежните служби работат на расветлување на причините за двата инцидента.






