Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вечерва ја испиша историјата во општината и пошироко – со организирањето на првата бесплатна заедничка полуматурска прослава за сите ученици од деветто одделение на територијата на општината.

Во свечената атмосфера исполнета со музика, радост и младинска енергија, Ѓорѓиевски истакна дека оваа иницијатива, под наслов „Мисија Полуматура“, не е само прослава, туку нова општествена вредност – симбол на еднаквост, инклузивност и вистинска грижа за младите.
„Секое дете, без разлика од која средина доаѓа, заслужува еднаква можност за радост и убави спомени. Затоа вечерва сите деветтоодделенци се еднакви. Без разлики, без поделеност“, порача градоначалникот, додавајќи дека проектот е создаден од вистинска потреба и од срце, а не од формални стратегии.

Младите ученици беа вклучени во секој дел од реализацијата – од осмислување идеи, до снимање видеа и пишување пораки. Како дел од проектот, беше реализирана и специјална едукативно-креативна телевизиска емисија во соработка со Продукција Строубери, која ја прикажа младинската енергија и креативност пред цела Македонија.
Ѓорѓиевски им се заблагодари на наставниците, родителите и сите партнери кои помогнаа оваа визија да се претвори во реалност. Во своето обраќање упати силна порака дека Кисела Вода вложува во младите, верува во нив и создава услови за нивен развој.

„Вие сте генерацијата што ќе ги носи промените. Генерацијата што ќе ја гради подобрата Кисела Вода, подобрата Македонија. Нашата обврска е да ви дадеме еднаков старт“, истакна тој.
Прославата, која се одржа под отворено небо, заврши со порака за соништа, амбиции и верба во себе – вредности што започнуваат токму од тука: од заедништвото и човечноста.







