Американскиот претседател Доналд Трамп јавно изрази големо разочарување од критиките што ги упати Елoн Маск против неговиот голем даночен и буџетски закон, познат како „голем, прекрасен закон“. На заедничка прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Белата куќа, Трамп порача дека и понатаму го цени Маск, но не е сигурен дали нивните односи се исти како порано.
„Јас сум многу разочаран бидејќи Маск ги познаваше деталите од законот подобро од сите овде. Многу му помогнав“, истакна Трамп. Тој додаде дека Маск сè уште не кажал ништо лично лошо за него, но е сигурен дека тоа ќе следува наскоро.
Елoн Маск претходно го нарече законот „одвратна накза“ која ќе ја банкротира Америка, критизирајќи го пакетот што вклучува големи даночни олеснувања и поволности за енергетскиот сектор, како и укинување на обврската за воведување електрични возила во јавниот сектор.
Трамп посочи дека Маск бил информиран од почеток за укинувањето на таа обврска, но сепак се нервирал поради тоа. „Подобро би било ако Маск ме критикува мене лично, отколку самиот закон. Тоа е огромно намалување на даноци и неверојатен закон“, додаде претседателот.
Инаку, Маск по краткото време во администрацијата на Трамп – 129 дена, каде што работеше на реформи, брзо ја напушти позицијата. Трамп, пак, потврди дека Маск му предложил кандидат за раководител на НАСА, но тој не го прифатил тој предлог.
„Разбирам зошто е вознемирен“, заклучи Трамп, „но јас сè уште сум во право за нашиот голем, прекрасен закон.“







