Сè почесто дивите животни како мечки и волци навлегуваат во шарпланинските села, предизвикувајќи штети на имотите и предизвикувајќи загриженост кај локалното население. Во последниот период регистрирани се случаи на уништени пчеларници, напади врз добиток и влегување на диви ѕверови во фарми и домашни дворови.
Од Националниот парк Шар Планина посочуваат дека главни причини за оваа појава се климатските промени, но и дивите депонии кои стануваат извор на храна и „мамка“ за дивите животни да се спуштаат кон пониските населени места.
Како дел од мерките за превенција, во последните денови започна поставувањето на електрични огради околу дел од имотите во најпогодените подрачја, со цел да се спречи навлегување на мечки и волци во селата. Паралелно со тоа, организирани се и акции за расчистување на дивите депонии.
„Со овие превентивни активности не само што ги заштитуваме имотите на граѓаните, туку обезбедуваме и подобра заштита на дивите животни, чии популации не се на задоволително ниво“, велат од Националниот парк.
Шар Планина е дом на повеќе загрозени видови животни, меѓу кои и кафеавата мечка, волкот и дивокозата. На нејзината територија живеат околу 20.000 жители, кои сè почесто се соочуваат со предизвиците на соживот со дивата природа.






