Во првото тримесечје од 2025 година, бројот на активното население во Македонија изнесувал 795.007 лица, од кои вработени биле 702.410, а 92.597 лица биле евидентирани како невработени, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС). Стапката на невработеност, според податоците, изнесува 11,7 проценти.
Споредбено со четвртото тримесечје од 2024 година, бројот на невработени е намален за 2,3 проценти, додека во однос на истото тримесечје од минатата година, падот изнесува 8,8 проценти.
Од вкупниот број невработени, 59,8 проценти се мажи, додека жените учествуваат со 40,2 проценти.
Дополнително, ДЗС информира дека се бележи пораст на неформалната вработеност. Во првиот квартал од 2025 година, евидентирани се 90.383 лица кои работат неформално, што е зголемување од 10,7 проценти во однос на претходното тримесечје. Најголем дел од нив, 47,8 проценти, се ангажирани во секторот земјоделство, шумарство и рибарство, а 16,7 проценти во градежништвото.







