Воениот сојуз НАТО денеска ги започна двонеделните маневри во Балтичкото Море, при што првите воени бродови испловија утрово од пристаништето Росток, на североистокот на Германија.
Меѓу бродовите што отпловија од морската воена база Росток-Варнеминде се германската корвета „Магдебург“ и францускиот ловец на мини „Вулкан“.
Во годинешната вежба BALTOPS, што традиционално се одржува под водство на САД, учествуваат над 50 пловни објекти, повеќе од 25 воздухоплови и околу 9.000 војници од 17 држави-членки на НАТО.
Вежбата ќе трае до 20 јуни.
Балтичкото Море се смета за стратешки важен регион, особено во контекст на руската воена агресија врз Украина. Од деветте држави што имаат излез на ова море, единствено Русија не е членка на НАТО.
Официјална Москва вежбата ја оцени како провокација. Заменикот министер за надворешни работи на Русија, Александар Грушко, претходно обвини дека со својата редовна годишна вежба BALTOPS, НАТО се подготвува за евентуален вооружен судир со Русија.
Во изминатиот период и руската морнарица одржа сопствени маневри во Балтичкото Море.






