Многу ни е добар градоначалникот…ни направи нови улици, преубаво спортско игралиште, ни ги реновираше училиштата – и основното и средното, уште да направи нешто за младите да не ни одат во туѓина ќе биде најголема радост за Македонска Каменица. Вака, накратко граѓани на Каменица ни го опишаа четиригодишниот мандат на нивниот градоначалник Димчо Атанасовски, кој пред да седне на жешкото градоначалничко столче беше наставник по музичко образование.
Велат музиката е двигател кој го менува светот, а колку наставникот по музика Димчо успеа да изгради подобра, посреќна и модерна Македонска Каменица, како што вети, на почетокот на својот мандат, сведочат сите реализирани проекти за кои разговараме во денешното интервју.
Господине Атанасовски кои се најголемите предизвици со кои се соочува општина Македонска Каменица во моментов?
– Покрај сите предизвици и потешкотии со кои се соочивме во изминатите три години, останавме на трасираниот пат и градиме поубава и посигурна општина. Си поставивме високи цели и со многу енергија, ентузијазам, идеи и визија тргнавме во трајно решавање на на најелементарните и најгорливите проблеми на каменичани. Наша определба беше и останува изградба на патна, водоводна и канализациона инфраструктура во секое населено место во општината и денес, со огромно задоволство изјавувам дека во најголем дел овие прашања се затворени или ќе бидат во годината пред нас. Македонска Каменица е синоним за урбана средина и е најзелен град во државата. Инвестициите во образовните институции во последните три години се рекордни и го креваме воспитно-опбразовниот процес на највисоко можно ниво. Нашите спортски клубови бележат врвни резултати, а каменичките културни манифастации за магнет за илјадници посетители од земјата и странство.
Како ја оценувате досегашната реализација на проектите кои овозможуваат граѓаните во Вашата општина да имаат подобар живот, но и можност да се релаксираат во своето слободно време?
– Општина Македонска Каменица и локалните институции и претпријатија реализираа повеќе од 250 проекти кои директно придонесуваат за поквалитетен живот на нашите граѓани. Нашиот град има нов спортски комплекс – еден од најубавите спортски комплекси во Македонија со новоизградена пристапна улица до истиот и обезбеден паркинг простор. Изградена е регулација и на долното течение на река Каменичка, а градскиот кеј е комплетно осветлен. Изграден е нов пешачки мост, имаме проектна документација за уште еден, а работиме на поставување на нова урбана опрема на овој простор со што ќе добиеме преубава зона за спорт и рекреација на нашите сограѓани. Поставено е ново осветлување на влезовите на градот и кон Делчево и кон Кочани. Изградивме нова кула за рана детекција на пожари – прва ваква во државата.







