Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша нов указ со кој се забранува влез во Соединетите Американски Држави за државјани на 12 земји, со образложение дека мерката е неопходна за заштита од странски терористи и други безбедносни закани.
На списокот на земји опфатени со целосна забрана се: Авганистан, Мјанмар, Чад, Конго, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Хаити, Либан, Иран, Сомалија, Судан и Јемен.
Покрај тоа, делумни ограничувања за влез се воведуваат за граѓаните на Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела.
„Отсега ќе дозволиме влез само за оние кои немаат намера да му наштетат на американскиот народ,“ изјави Трамп. Тој најави дека списокот ќе биде редовно ревидиран и потенцијално прошируван со нови држави.
Указот ќе стапи на сила на 9 јуни, а веќе издадените визи до тој датум нема да бидат поништени.
За време на својот прв претседателски мандат, Трамп воведе слична забрана за седум претежно муслимански држави, мерка која беше оспорувана пред судовите и конечно укината од Врховниот суд во 2018 година. Во 2021, неговиот наследник Џо Бајден воведе ограничувања за патници од Иран, Либија, Сомалија, Сирија и Јемен.
„Земјите кои се предмет на најстроги мерки имаат високо присуство на терористички организации, не располагаат со системи за безбедна проверка на идентитетот на патниците и немаат соодветна евиденција за лица со криминално минато. Не можеме да си дозволиме отворена миграција од такви држави,“ рече Трамп, повикувајќи се и на неодамнешниот напад во Колорадо, каде египетски државјанин фрлил молотови коктели на произраелски собир.
Сепак, забраната нема да се однесува на големите меѓународни спортски настани што ќе се одржат во САД, меѓу кои Светското фудбалско првенство во 2026 и Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година.







