Полицијата интервенираше по повеќемесечни протести на граѓаните на Кичево за дивата депонија што се наоѓа во урбаниот дел од градот. Според известувањето, екипи од Министерството за внатрешни работи на барање на граѓани излегле на терен и затекнале повеќе комунални возила на ЈП „Комуналец“ кои во моментот нелегално истоварувале отпад на дивата депонија.
Во врска со сомневањата за нелегална работа, полицијата повикала на распит десет вработени во јавното претпријатие, вклучувајќи го и директорот Зендел Јонузи, кој десет години е на чело на „Комуналец“. Јонузи е познат како активист на ДУИ во општината и блиски соработник на градоначалникот Фатмир Дехари, кој го предложил за директор.
На лице место пристигнале и инспектори за заштита на животната средина, кои изготвиле записник за нелегалниот истовар на отпадот. Дивата депонија, која зафаќа околу 9.000 метри квадратни, се наоѓа меѓу населбите „Иванидол“ и „Центар-2“, каде дневно се одлагаат околу 20 тони отпад.
Жителите на Кичево повеќе од пет години се борат за решавање на овој проблем, кој претставува сериозен здравствен ризик поради различни видови загадувачи што се таложат на депонијата.






