Во германскиот град Келн се спроведува најголемата евакуација од Втората светска војна досега, откако беа откриени три огромни американски бомби – две тешки по 1000 килограми и една од 500 килограми. Над 20.000 жители се приморани да ги напуштат своите домови, додека специјалните тимови се обидуваат да ги деактивираат експлозивите.
Целото подрачје во радиус од еден километар е затворено, вклучително и девет училишта, 58 хотели, болници, градската општина, како и делови околу познатата Келнска катедрала. Надлежните одат од врата до врата за да се осигураат дека нема луѓе во опасната зона.
Во градот веќе се активирани две големи засолништа за евакуираните граѓани. Планот е бомбите да бидат безбедно деактивирани до вечерта, по што населението би можело да се врати во своите домови. Доколку тоа не биде можно, постои ризик од контролирана детонација – сценарио кое би барало многу поширока интервенција со песок и вода за ограничување на штетата.
Минатата година во Келн биле пронајдени дури 31 неексплодирана бомба, што резултирало со 17 евакуации. Се проценува дека околу 20% од фрлените 1,5 милиони бомби врз Келн за време на војната сè уште лежат скриени под земја.
Властите апелираат на смиреност, но глетките од евакуираното градско јадро потсетуваат на сцени од воено време.







