Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, најави дека сојузниците ќе ја подобрат способноста за одвраќање и одбрана преку поставување нови, поамбициозни цели. Изјавата ја даде пред почетокот на состанокот со министри за одбрана во Брисел.
„Противвоздушната и противракетната одбрана, оружјето со долг дострел, логистиката и големите копнени маневарски формации се меѓу нашите главни приоритети“, истакна Руте, пренесува агенцијата Ројтерс.
Тој додаде дека новите цели ќе ја дефинираат улогата на секоја земја членка, односно кои сили и конкретни капацитети треба да ги обезбедат за да го зајакнат заедничкото одвраќање и одбрана.
Во моментов, НАТО има поставено цел да се издвојуваат најмалку 2 проценти од БДП за одбранбени трошоци, а 22 од 32 членки ја исполнуваат или ја надминуваат оваа граница.
Сепак, многу лидери на НАТО сметаат дека оваа цел сега е прениска, особено во услови на зголемена закана од Русија по нејзината агресија врз Украина во 2022 година, наведува Ројтерс.







