Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска на пре-конференција одговори на новинарски прашања, истакнувајќи дека проблемот околу инфлацијата и просечната плата е покомплексен и нема брзо решение.
„Работиме во континуитет, не сме застанале во тој дел,“ рече министерката.
Таа посочи дека еден од приоритетите на Народната банка е инфлацијата.
„Знаеме дека имавме два моменти кои беа клучни во изминатиот период што се случуваа и не можат да се средат преку ноќ. Едниот момент е колективните договори, кои што ги имаат различни институции, со кои во континуитет преговараме и договараме како понатаму, но ние мораме да ги испочитуваме обврските кои некој пред нас ги превземал, тоа е едниот момент. И вториот момент кој мене многу повеќе ме загрижува тоа е дека просечната плата и понатаму ќе расте поради тоа што нема доволно работна сила и компаниите во приватниот сектор имаат голем проблем со ова. Сега се трудиме нешто да направиме во тој дел со преквалификации, одредени промени на закони, но треба време да се направат анализи,“ објасни Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека со гувернерот на Народната банка треба да бидат усогласени во нивните политики.
„Фискалната и монетарната политика мора да бидат усогласени една со друга. Утрово го имавме првиот состанок со гувернерот, се договоривме за почести состаноци во насока да имаме координирана заедничка политика, затоа што фискалната и монетарната политика мора да функционираат една со друга,“ додаде министерката.
Во врска со финалната потрошувачка, Димитриеска-Кочоска појасни дека растот на платите од 10 отсто директно се одразува и на потрошувачката.
„Луѓето добиваат повисоки плати, повисоки пензии и финалната потрошувачка расте. Тука воопшто немаме никава дилема. Во однос на инфлацијата, ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму, знаеме дека имаше и мерки спроведени од страна на Владата и тој дел се следи, ќе се координираме со монетарната политика, ќе спроведуваме и ќе реагираме соодветно на предизвиците кои што ќе следат,“ подвлече Димитриеска-Кочоска.






