Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција изјави дека трговскиот дефицит на Македонија е значително намален, а извозот конечно бележи позитивна стапка. Според него, разликата меѓу извозот и увозот е намалена трипати во споредба со претходните квартали.
– Ако се вратите неколку квартали наназад и ако се направи анализа, ќе се види дека трипати е намалена таа разлика помеѓу извозот и увозот и конечно извозот бележи позитивна стапка – истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека стабилизацијата на извозот доаѓа и покрај предизвиците со кои се соочува автомобилската индустрија, која има силно влијание врз македонската економија. Затоа, Владата, како што рече, почнала процес на диверзификација на економското портфолио, со фокус на други индустрии.
– Почнуваме практично да правиме дивергирање на портфолиото во некои други области. Има огромен напредок ако се споредува со кварталите од пред една година – изјави премиерот.
Мицкоски посочи и на позитивните трендови кај индустриското и преработувачкото производство, како и на намалувањето на невработеноста и отворањето нови работни места во последните два квартали.
Според него, растот на Бруто домашниот производ (БДП) меѓу три и четири проценти не е доволен за суштински напредок, и изрази надеж дека ќе се постигне повисок раст меѓу четири и шест проценти на подолг рок.
– Нашата економија не зависи само од домашните перформанси, туку многу и од надворешните. Имајќи го предвид растот на ЕУ, нашите резултати се исклучок, а не правило – подвлече Мицкоски.






