Попладнево беше евакуиран најголемиот трговски центар во Загреб, Арена Центар, поради дојава за можна експлозивна направа. Сите посетители и вработени мораа итно да го напуштат објектот, а известувањето за евакуацијата беше пренесено преку звучниците во трговскиот центар.
На терен пристигнаа повеќе полициски возила, а загрепската полиција потврди за хрватскиот портал „Индекс“ дека се работи за безбедносна закана.
„Полициската акција е во тек“, соопштија од Полициската управа во Загреб, додавајќи дека истрагата е во рана фаза и дека безбедноста на граѓаните е апсолутен приоритет.
Голем број луѓе останаа собрани пред Арена Центарот, чекајќи информации дали и кога ќе биде повторно дозволен влез. Засега нема информации за повредени или за пронајдена експлозивна направа.






