По две децении бегство од правдата, Хамди Бајрамовски, во јавноста познат како командант Бреза од селото Брест, синоќа бил уапсен на подрачјето на скопската населба Ченто. Бајрамовски беше еден од најбараните бегалци во земјата, со распишана меѓународна потерница поради серија тешки кривични дела.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, акцијата за негово апсење ја извеле припадници на Секторот за меѓународна полициска соработка.
„На 2 јуни 2025 година, на подрачјето на општина Гази Баба, полициски службеници го лишија од слобода Х.Б. (43) од Скопје. Лицето било барано по неколку потерници за издржување на казни затвор и за други постапки за тешки кривични дела“, соопштија од МВР.
Бајрамовски е правосилно осуден на пет години затвор за разбојништво и на уште шест години за неовластено производство и трговија со дрога. Против него се водат и други постапки за изнуда, насилство, недозволено поседување оружје и други кривични дела.
По неговото апсење, веднаш бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Скопје – Шутка, каде ќе ја доиздржи казната.
Името на Бајрамовски во јавноста стана познато уште во 2005 година, кога при претрес во неговиот дом беа пронајдени минофрлачи, РПГ гранати, униформи, тенковски проектили и над 300.000 парчиња муниција. Полицијата тогаш го опиша како организатор на „нелегална воена единица“.







