Силен земјотрес го погоди западниот брег на Турција доцна во ноќта, оставајќи зад себе трагични последици. Едно 14-годишно девојче го загуби животот, а најмалку 69 лица се повредени. Потресот се почувствува и на грчкиот остров Родос.
Според податоците од Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC), земјотресот со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала бил регистриран во 2:17 часот наутро. Епицентарот се наоѓал во близина на туристичкото место Мармарис, во турската провинција Мугла – на само неколку километри од грчкиот остров Родос.
Паника, повредени и една жртва
Гувернерот на регионот, Идриз Акбијик, соопшти на социјалната мрежа X дека 14-годишно девојче, кое добило напад на паника за време на потресот, било пренесено во болница, каде што починало. Во обид да се спасат, 69 граѓани скокнале од прозорци и балкони, при што се здобиле со различни повреди.
Министерот за внатрешни работи, Али Јерликаја, изјави дека засега нема пријавени материјални штети на станбени објекти во регионот на Мармарис.
Мармарис е едно од најпосетуваните туристички места во Турција. Само минатата година, според турската државна агенција „Анадолу“, во провинцијата Мугла престојувале 3,7 милиони странски туристи.
Турција на кревка сеизмичка линија
Според турското Министерство за внатрешни работи, земјотресот се случил на длабочина од 68 километри. Земјата лежи на раскрсницата на неколку тектонски плочи, што ја прави исклучително подложна на сеизмички активности.
Во 2023 година, Турција беше погодена од разорен земјотрес со магнитуда од 7,8 степени, во кој животот го загубија над 53.000 луѓе. Стотици илјади згради беа уништени или сериозно оштетени. Истата катастрофа однесе уште 6.000 животи и во соседна Сирија.







