На половина од комплексот околу Езерото Треска или на површина од 115.116 метри квадратни ќе може да се градат објекти. Ова го покажува Деталниот урбанистички план (ДУП) кој вчера го покажа градоначланикот на Општина Сарај Блерим Беџети.
Како што беше објаснето на презентацијата, сегашниот Спортско-рекреативен центар Треска е блок 1 од целиот план. Езерото со површина од 13,18 хектари со планот ја задржува намената како јавен простор за капење и за него не е формирана градежна парцела, пишува порталот сдк.мк.
Околу езерото планирана е заштитна зона со ширина од 30 метри која воедно претставува плажа со површина од 5,39 хектари. Во оваа зона се дозволени дејности и активности кои нема да предизвикаат негативно влијание врз квалитетот на водата.
Дозволено е поставување лежалки и чадори, гардероби, реквизити за рекреација, отворени базени, тобогани за мали деца, отворени шанкови и слично.
На делот од плажата кој граничи со водната површина како завршна обработка треба да се користат природни матријали, дрво или камен кои нема штетно да влијаат на водата. Околу езерото треба да има и пешачка патека.
На 50 отсто од останатата површина на Езерото Треска која сега во најголем дел е зеленило, но се наоѓаат и објектите кои на времето биле кафулиња, како и просторот каде се камп-приколките, ќе може да се градат објекти со максимална висина од 15 метри или на три ката и поткровје.

Во оваа наменска зона е формирана градежна парцела во која е дозволен процент на изграденост до 50 отсто, односно максимална површина за градење од 155.116 метри квадратни. Планирана е максимална височина на градби од 4,5 до 15,5 метри.
Максималната катност од приземје, три ката плус поткровје е планирана за хотелскиот комплекс со 5 ѕвезди, во кој се планирани како придружни содржини расторани, спа и фитнес-центар, центар за алтернативна медицина, отворени и затворени базени.
Покрај главната хотелска зграда планирани се и дрвени бунгалови. Сите градби треба да бидат со фасадно обликување од природни и еколошки материјали, дрво и камен“, стои во објаснувањето на планот од урбанистите во Општина Сарај.







