Од 1 јуни Меѓународниот аеродром Скопје е поврзан со уште три турски градови – Анкара, Дијарбакир и Чукурова, соопшти ТАВ Македонија. Новите линии ги воведе авиокомпанијата AJet, која викендов го реализираше првиот лет до овие дестинации.
Станува збор за сезонски летови што ќе се одвиваат до крајот на септември 2025 година. Линиите кон Анкара и Дијарбакир ќе бидат еднаш неделно, додека до Чукурова ќе се лета двапати неделно.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека новата авио-поврзаност ќе има повеќекратни придобивки:
„Поврзувањето на Скопје и Анкара ќе придонесе за засилување на трговската размена, побрза бизнис логистика, полесен пристап до турскиот пазар, но и за продлабочување на туристичката, културната, академската и дипломатската соработка меѓу двете земји“, изјави Курт.
Со овие нови линии, AJet сега оперира до вкупно четири дестинации од скопскиот аеродром – покрај новите три, и кон Истанбул (аеродром Сабиха Гокчен).
Во рамки на летната сезона 2025 година, вкупно четири авиокомпании ги поврзуваат Македонија и Турција, преку шест града и седум аеродроми:
Turkish Airlines: Истанбул (IGA), од Скопје и Охрид
Pegasus Airlines: Истанбул (Сабиха Гокчен), Измир и Анталија
AJet: Истанбул (Сабиха Гокчен), Анкара, Дијарбакир и Чукурова
Sun Express: Анталија и Измир
Новите рути се дел од пошироките напори за проширување на воздушната поврзаност на Македонија со регионот и пошироко, особено во туристичката сезона.






