Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски остро ја осуди, како што ја нарече, „валканата игра“ насочена кон дискредитација и елиминација на владиката Партениј. Во своето последно јавно обраќање, Георгиевски предупреди на сериозноста на оваа организирана кампања и ги посочи нејзините потенцијални последици врз црковната независност и духовниот живот во земјата.
Според него, нападите кон владиката Партениј произлегуваат од повеќе причини, меѓу кои прва е неговата отворена критика на начинот на кој беше претставен томосот доделен од Српската православна црква на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Георгиевски посочи дека владиката ја разобличил, како што рече, манипулацијата поврзана со овој чин, изразувајќи загриженост за неговите политички и духовни импликации.
Втората причина, според Георгиевски, е конзистентната заложба на владиката за градење поблиски односи со Бугарската православна црква – став што, како што истакна, често е мета на критики од одредени кругови кои се спротивставуваат на вакви обиди за приближување.
Како трет фактор Георгиевски го наведе јасното позиционирање на владиката Партениј во рамки на актуелниот конфликт помеѓу Вселенската патријаршија и Руската православна црква, при што Партениј, без двоумење, застанал на страната на Вселенската патријаршија.
Во завршницата од обраќањето, Георгиевски изрази загриженост дека притисоците кон владиката Партениј не само што го доведуваат во прашање угледот на одредени црковни личности, туку и ја поткопуваат духовната автономија и ја одвлекуваат јавноста од вистинските верски и суштински прашања.






