Белата куќа: Иран доби детална и прифатлива понуда – на нив е да ја прифатат
Портпаролката на Белата куќа, Керолин Ливит, соопшти дека специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, испратил „детален и прифатлив предлог“ до иранските власти, со порака дека е во нивен најдобар интерес тој да биде прифатен.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека Иран никогаш нема да смее да поседува нуклеарна бомба“, се наведува во соопштението на Ливит, што го пренесе агенцијата Ројтерс. Таа нагласи дека САД веќе го претставиле својот предлог на иранската страна.
Од Техеран пристигна потврда дека е добиен нацрт-предлог од американска страна. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека оманскиот министер за надворешни работи, Бадр ел Бусаиди, кој бил во кратка посета на Техеран, ги пренел „елементите на американската понуда“ за можна нова нуклеарна спогодба, по одржани пет рунди преговори меѓу двете страни.
„Елементите на предлогот ќе бидат разгледани внимателно и ќе добијат одговор што ќе биде во согласност со принципите, националните интереси и правата на иранскиот народ“, изјави Аракчи преку објава на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).
Според информациите на Ројтерс, се очекува наскоро да се одржи шеста рунда преговори меѓу Вашингтон и Техеран за иранската нуклеарна програма, но конкретен датум и место сè уште не се определени.
Американските власти неколку пати изјавија дека секоја нова нуклеарна спогодба со Иран, која би го заменил пропаднатиот договор од 2015 година со шесте светски сили, мора да вклучи обврска за целосно запирање на процесот на збогатување на ураниум – процес што се смета за клучен чекор кон развој на нуклеарно оружје.
Иран, пак, постојано негира дека има намера да развива нуклеарно оружје и инсистира дека нуклеарната програма е наменета исклучиво за мирољубиви, цивилни цели. Иранските власти го сметаат американското барање за укинување на збогатувањето ураниум за повреда на државниот суверенитет.
Сепак, според најновиот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Иран значително ги зголемил своите залихи на збогатен ураниум и спроведувал тајни нуклеарни активности со материјали кои не биле пријавени до агенцијата.







