Фудбалската легенда Зинедин Зидан, поранешен ас на француската репрезентација и екс-тренер на Реал Мадрид, ја одбил астрономската понуда од Саудиска Арабија вредна 100 милиони евра за едногодишен договор, објави угледниот француски весник L’Équipe.
Со овој потег, Зидан уште еднаш потврди дека парите не се негов мотив, туку дека неговиот фокус останува исклучиво на спортски предизвици. Главната цел – да стане селектор на Франција – сè уште е на врвот на неговата листа на приоритети.
„Сметам дека сум подготвен да ја водам француската репрезентација, каде што како играч минав речиси 12 до 14 години. Тоа е мојот сон. Едвај чекам,“ изјави Зидан неодамна на јавен настан организиран од „Адидас“.
Сегашниот селектор на „Триколорите“, Дидие Дешан, веќе најави дека ќе се повлече по Светското првенство во 2026 година. Зидан, кој веќе подолго време се спомнува како негов најверојатен наследник, со години одбива тренерски ангажмани, чекајќи ја токму таа шанса.
Откако во 2021 година по вторпат ја напушти клупата на Реал Мадрид, Зидан остана без активна улога во фудбалот. Во меѓувреме ги одби сите понуди – од англиската Премиер лига, италијанските гиганти, па сè до богатите клубови од арапскиот свет.






