Поранешниот директор на ЦИА и угледен американски генерал Дејвид Петреус испрати сериозно предупредување – доколку Владимир Путин извојува победа во Украина, неговата следна мета би можела да биде земја членка на НАТО. Според него, најизложена на ризик е Литванија.
Во интервју објавено во петокот, Петреус истакна дека Русија би можела да ја нападне балтичката држава како начин да ја тестира решителноста на Западот или како прв чекор кон поширока офанзива.
„Нема никаква дилема – ако Украина падне, Путин нема да застане таму“, изјави Петреус, додавајќи дека крајната цел на Москва е да го собори украинскиот претседател Володимир Зеленски, да постави марионетска власт и целосно да ја контролира земјата.
Петреус упати критики и кон двајцата поранешни американски претседатели – Доналд Трамп за, како што вели, „повторувано попуштање на Путин“, и Џо Бајден за „недоволно и задоцнето вооружување“ на украинските сили.
Ова сериозно предупредување доаѓа во време кога тензиите меѓу Русија и Западот се повторно во пораст, а судбината на Украина сè уште е неизвесна.






