Илон Маск се огласи по наводите за користење дроги: „Овие глупости би биле очигледни“
Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, остро реагираше на текстот на New York Times во кој се тврди дека интензивно користел дрога за време на претседателската кампања на Доналд Трамп, во чиј близок круг се наоѓал.
Во статијата, повикувајќи се на анонимни извори, се наведува дека Маск често користел кетамин, екстази и психоделични печурки – дроги кои, според изворите, предизвикале сериозна загриженост меѓу неговите соработници.
Маск, пак, преку објава на платформата „X“ (поранешен Twitter), го нарече написот „апсолутна глупост“ и додаде дека неговото секојдневно присуство на состаноци и фотографирања со десетици и стотици луѓе би направило злоупотребата на супстанции да биде „исклучително очигледна“.
Контроверзии и сомнежи
Според New York Times, не е јасно дали Маск користел дрога додека официјално извршувал функција како висок советник на претседателот Трамп и раководител на Одделението за ефикасност на владата (DOGE), функција од која се повлече оваа недела.
Во извештајот се наведува дека употребата на дроги можеби стои зад неговото „непредвидливо однесување“, вклучувајќи го и наводниот „нацистички поздрав“ на еден политички митинг и нејасните одговори за време на медиумски настапи.
„Тajмс“ пишува дека Маск наводно земал толку многу кетамин што тоа почнало да му влијае врз мочниот меур. Во неговата патна аптека, велат изворите, имало околу 20 таблети, вклучувајќи стимуланси како што е „Адерол“.
Политика, моќ и личен хаос
Се тврди дека Маск вложил околу 300 милиони долари во кампањата на Трамп и дополнителни милиони во поддршка на конзервативни кандидати низ САД. Но, од моментот кога Трамп повторно влезе во Белата куќа, Маск наводно често влегувал во конфликти со високи претставници од администрацијата, додека неговиот приватен живот, особено во однос на старателството над децата, станувал сè похаотичен.
Во написот се споменува и „загрижувачката опсесија“ на Маск со имањето повеќе деца, а се посочува и на неговите промени во расположението и сè поизразените ексцентричности.
Иако Маск не одговорил директно на барањата за коментар на „Њујорк Тајмс“, новинарот Волтер Ајзаксон – автор на официјалната биографија на Маск – претходно пренел дека милијардерот признал оти користи кетамин со рецепт, поради борба со депресија. „Навистина не сакам да користам нелегални дроги“, рекол Маск за биографијата.
Белата куќа и DOGE
На новинарско прашање во Белата куќа во петокот, Маск со доза иронија одговорил: „Да преминеме на друга тема.“
Претседателот Трамп, пак, изјавил дека не е запознаен со обвинувањата, но дека не гледа причина за загриженост. Истовремено, иако Маск најави повлекување, Одделението за ефикасност на владата (DOGE) сè уште функционира. Портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, истакна дека „целокупниот кабинет останува посветен на DOGE и неговата мисија“.
Маск во неколку последователни објави на „X“ го исмејуваше „New York Times“, нарекувајќи го нивниот текст „чиста пропаганда“.
„Секој ден сум на состаноци со десетици или стотици луѓе, постојано сум фотографиран. Ако навистина правев сè што тврдат, тоа би било ИСКЛУЧИТЕЛНО очигледно“, напиша тој.
Во коментарите што следеа, бројни корисници на платформата му изразија поддршка.







