Мета и Андурил развиваат високотехнолошки воени уреди за американската армија
Технолошкиот гигант Мета се подготвува да изгради напредни уреди за потребите на американската војска, во рамки на заеднички проект со одбранбената компанија Anduril Industries, основана од Палмер Лаки – пионер во развојот на технологија за виртуелна реалност и познат поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот, според „Wall Street Journal“, е наречен EagleEye, а вредноста на договорот се проценува на околу 100 милиони долари, иако тој сè уште не е официјално доделен.
Оваа соработка е дел од многу поголем договор на американската армија вреден 22 милијарди долари, чија цел е развој на напредни носливи системи. Главен носител на проектот е токму Anduril, а Мета, со своето искуство во проширена и виртуелна реалност, ќе обезбеди технолошка поддршка.
Според достапните информации, EagleEye ќе вклучува паметни шлемови, очила и други уреди опремени со AR/VR технологии и напредни сензори за подобрување на видот и слухот на војниците. Извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, изјави дека оваа технологија ќе придонесе за „заштита на интересите и дома и во странство“.
Во пракса, овие уреди би можеле да се користат за рано откривање на беспилотни летала на километарски растојанија, идентификација на скриени цели, како и за интеракција со автономни оружени системи кои користат вештачка интелигенција. Основата на овие уреди ќе биде AI софтверот на Мета и автономната технологија на Андурил.
Иако проектот веќе предизвикува реакции поради својата потенцијална дистописка примена, Лаки во изјава за медиумите вели дека верува оти соработката со армијата е нужност. „Успеав да ги убедам не само Мета, туку и многу други компании дека соработката со војската е важна“, рече тој.
Палмер Лаки последниве години се етаблира како значаен играч во одбранбениот сектор, обезбедувајќи договори вредни 6 милијарди долари ширум светот. Во неодамнешно интервју за CBS News, изјави:
„Секогаш сум велел – треба да престанеме да бидеме светска полиција и да станеме светска продавница за оружје“.







