Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, денеска изјави дека Кина се подготвува за потенцијална употреба на воена сила во азиско-пацифичкиот регион, предупредувајќи дека заканата од Пекинг е реална и можеби дури и неминовна.
„Заканата што ја претставува Кина е реална и би можела да стане неизбежна“, порача Хегсет во своето обраќање на безбедносниот форум „Шангри-Ла дијалог“ во Сингапур – најголемиот безбедносен и одбранбен собир во Азија.
Тој обвини дека Кина има намера да воспостави доминација и контрола врз регионот, посочувајќи дека Пекинг секојдневно одржува воени вежби со цел можна инвазија врз Тајван.
„Кина отворено се подготвува да ја наруши рамнотежата на силите во азиско-пацифичкиот регион“, истакна американскиот министер, додавајќи дека во тој контекст, Соединетите Американски Држави го сметаат регионот за свој стратешки приоритет.
Хегсет посочи дека САД ја прилагодуваат својата одбранбена стратегија со цел да ја одвратат секоја форма на агресија од страна на, како што ја нарече, „комунистичка Кина“.






