Трамп: Блиску сме до договор за прекин на огнот во Појасот Газа
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа е „многу блиску“ и дека постои реална можност наскоро да биде постигнат.
Во обраќање пред новинарите во Белата куќа, Трамп додаде дека САД се на прагот на постигнување договор и со Иран во врска со неговата нуклеарна програма, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Претходно, специјалниот американски пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, доставил предлог-договор до Израел и Хамас кој предвидува 60-дневен прекин на огнот и ослободување на 28 израелски заложници – живи и починати – во првата недела од примирјето.
Според истиот предлог, се очекува и ослободување на 125 палестински затвореници осудени на доживотна казна затвор, како и предавање на посмртните останки на 180 Палестинци.
Документот, што во четвртокот беше доставен до Хамас за разгледување, предвидува и целосно ослободување на преостанатите 30 израелски заложници при воспоставување на траен прекин на огнот.
Израел веќе го прифатил предлогот, додека од Хамас соопштуваат дека истиот не ги задоволува нивните клучни барања, вклучително и трајно запирање на воените дејствија. Одговорот на групата се очекува во наредниот период.






