Протоерејот Миле Талески јавно реагираше на реакциите што се појавија на социјалните мрежи околу изборот на новиот епископ во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Во својата изјава, тој остро ја критикува тенденцијата на одредени поединци и групи да зборуваат во име на „народот“ и да се мешаат во изборот на црковните достоинственици, потсетувајќи дека светите Отци на Црквата одамна ја забраниле оваа практика преку каноните.
„Најчесто, наместо вистинските Христоносни и достојни луѓе, ‘народот’ знаел да избере недостојни, под влијание на подбуцнување и насилие“, вели Талески, споредувајќи го актуелниот момент со библиската сцена кога Пилат му понудил на народот да избере меѓу Исус и разбојникот Варава — а народот го избрал Варава.
Протоерејот посебно се осврна и на изборот направен од Архиепископот, поздравувајќи го поставувањето на отец Георгиј за нов пастир. „Отецот Георгиј, когошто го познавам од детството и школските денови во Богословијата, е најкроткиот меѓу кротките и најпобожниот меѓу побожните. Со Божја помош ќе биде и богомудар, ревносен и предобар пастир на стадото Христово“, рече Талески.
Тој истакна дека отец Георгиј е „скапоцен бисер“ којшто досега бил скриен, но чијашто светлина и доблести наскоро ќе му бидат познати на сите.
„Да живее и да долгоденствува отец Георгиј – нов светилник на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва“, заврши протоерејот.






