Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска остро ја обвини Кина дека не ги почитува условите од билатералниот договор постигнат пред две недели во Женева, кој имаше за цел намалување на трговските тензии и укинување на дел од царините.
„Без некое големо изненадување, Кина целосно го прекрши договорот“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушал“ (Truth Social), без да наведе конкретно какви чекори презел Пекинг.
Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, изјави дека трговските преговори меѓу САД и Кина се „во ќор-сокак“.
Инаку, на 12 мај, официјални претставници на двете земји објавија дека постигнале договор за привремено укинување на најголемиот дел од царините за период од 90 дена, со цел продолжување на преговорите за решавање на трговскиот спор.
Тогашниот трговски претставник на САД, Џејмисон Грир, и министерот за финансии, Скот Бесент, во Женева соопштија дека Вашингтон и Пекинг се согласиле на намалување на царините за 115 отсто. Со тоа, царината за кинеската стока што влегува во САД била намалена на 30 отсто, додека американската стока што оди кон Кина била обложена со само 10 отсто царина.
Бесент и Грир истакнаа дека се закажани дополнителни средби со цел продолжување на преговорите околу трговските разлики.
Во април, Трамп драстично ги зголеми царините за увоз на кинеска стока на 145 отсто, на што Пекинг возврати со зголемување на царините за американскиот увоз на 125 отсто. Овие рекордно високи царини доведоа до меѓусебен бојкот на производи, што сериозно ја наруши трговијата меѓу двете земји, чиј обем минатата година надмина 660 милијарди долари.







