Aмериканскиот пратеник Кит Келог: „Загриженоста на Русија за ширењето на НАТО е легитимна“
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Кит Келог, изјави дека загриженоста на Руската Федерација во врска со проширувањето на НАТО кон исток е основана и заслужува сериозно внимание.
– Тоа е легитимна загриженост. Уште одамна сме нагласиле дека зачленувањето на Украина во НАТО не е на дневен ред за САД, и не сме единствената држава со таков став. Можам да ви наведам барем четири земји членки на НАТО кои не се уверени дека Киев треба да се приклучи на Алијансата. А за тоа е потребна согласност од сите 32 членки – изјави Келог за американската телевизија ABC, одговарајќи на прашањето дали САД би можеле да го прифатат рускиот услов за запирање на проширувањето на НАТО.
Келог исто така потенцираше дека постои силен личен однос помеѓу претседателот Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
– Станува збор за релација со длабоки лични врски. Доналд Трамп е, според мене, најдобриот американски претседател. Направи нешто што одамна не сме го виделе: лично се заложи и го стави своето лидерство на испит – нагласи Келог.
Во контекст на руско-украинските мировни разговори, Келог истакна дека на Украина ѝ препорачал да не се изјаснува категорично против учество во преговори.
– Разговарав со украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, кој ќе биде главниот преговарач во следната рунда разговори во Истанбул. Го предупредив: немој да даваш изјави дека нема да учествуваш, затоа што самото присуство на преговарачката маса е дел од зрелото и одговорно политичко однесување. Така се демонстрира сериозност за постигнување прекин на огнот – изјави Келог.
Тој најави и учество на т.н. „тројка на ЕУ“ – советниците за национална безбедност на Германија, Франција и Велика Британија – кои ќе придонесат во дефинирањето на основните параметри на мировниот план за Украина.
– Кога бевме во Лондон, тие ни помогнаа во формулирањето на клучните позиции. Ќе бидат присутни и во Истанбул и очекуваме корисни повратни информации – рече Келог.
Од руската страна, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров претходно соопшти дека Москва подготвила меморандум за решение, кој ќе ѝ биде претставен на Украина за време на втората рунда преговори, планирана за 2 јуни во Истанбул. Засега, Кремљ информира дека сè уште нема официјален одговор од Киев во врска со оваа покана.
Првата рунда разговори помеѓу Русија и Украина се одржа на 16 мај, исто така во Истанбул. Тогаш двете страни се согласија за размена на воени заробеници по принципот „1000 за 1000“ и се обврзаа да ги претстават своите визии за идниот прекин на огнот, со цел продолжување на преговорите.
Помошникот на рускиот претседател, Владимир Медински, кој ја предводеше руската делегација, изјави дека Москва е задоволна од резултатите од првата рунда разговори.






