САД: Царините на Трамп привремено остануваат на сила – последици за домаќинствата и светските пазари
Апелациониот суд на САД донесе одлука дека царините воведени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп ќе останат на сила додека трае жалбената постапка, иако претходно беа блокирани од страна на Судот за меѓународна трговија, јавува агенцијата АП.
Судот за меѓународна трговија заклучи дека Трамп ги надминал своите овластувања како претседател со воведување царини на глобално ниво, повикувајќи се на закон што дозволува итни мерки поврзани со надворешната политика. Поради тоа, судот ги поништи царините, но Апелациониот суд ја суспендираше таа одлука сè додека не се донесе конечна пресуда.
Доколку администрацијата не успее во жалбената постапка, случајот најверојатно ќе се најде пред Врховниот суд на САД.
Блокирањето на царините накратко влијаеше позитивно на пазарите – европските берзански индекси и глобалните акции пораснаа, како и вредноста на доларот и приносите од државните обврзници.






