Русија има начин како да одговори на одлуката на западните земји да ги укинат ограничувањата за користење на оружје со долг дострел од страна на украинските сили, изјави секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Сергеј Шојгу.
„Кога станува збор за нашиот одговор на таа ситуација, можам да кажам само едно – верувајте, и ние имаме што да укинеме. Нема да навлегувам во детали, но постои што да се укине како реакција на тие постапки. Ете ви одговор“, изјави Шојгу во четвртокот, на крајот од меѓународниот состанок на високи безбедносни претставници, одговарајќи на новинарско прашање за можната руска реакција кон европските лидери.
Западот ги укина ограничувањата за дострелот на оружјето за Украина
Да потсетиме, Германија, Велика Британија, Франција и САД ја укинаа забраната за употреба на оружје со долг дострел кое го испорачуваат на Украина. Ова го потврди германскиот канцелар Фридрих Мерц во интервју за германската телевизија WDR.
Мерц додаде дека одлуката била донесена уште пред неколку месеци. По неговата средба со германскиот врв во Берлин, украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Киев и Берлин работат на договор за испорака на ракетите „Таурус“, но одби да сподели дополнителни детали.







