Путин со остри пораки до западните компании: „Тие нè гушат – мораме да возвратиме“
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот одржа средба со домашни претприемачи, при што во својот говор употреби остра реторика, ставајќи ги економските прашања во контекст на конфликт и конфронтација со Западот.
„Нашите претприемачи не го изгубија разумот во изминативе години – бизнисите и натаму функционираат во Русија“, истакна Путин, додавајќи дека голем број странски компании ја напуштиле земјата под притисок од „елитите“ од нивните држави.
Во разговор со еден од претприемачите, рускиот претседател обвини дел од западните компании што сè уште работат во Русија дека немаат добри намери и отворено порача:
„Мора да ги задушиме. Ова го кажувам без никаков срам. Бидејќи тие се обидуваат нас да нè задушат, мораме да возвратиме на ист начин. Ние никого не сме протерале, ниту сме се мешале во туѓи работи. Им понудивме најповолни услови за работа на нашиот пазар“, рече Путин.
Тој додаде дека е подготвен да ги пречека повторно странските компании што сакаат да се вратат, но со јасна напомена дека условите веќе не се исти.
„Некои големи компании кои работат во различни сектори ми велат: ‘Нашите партнери испраќаат сигнали – сакаат да се вратат.’ Јас им одговарам: Вратете се, само добро размислете за условите. Ако е профитабилно – добро, ако не е – ќе направиме да биде“, рече Путин.
Воедно, тој беше дециден дека нема да се олесни враќањето на оние компании што, според него, ги оставиле своите работници без перспектива.
„Вашите, да бидам искрен, не многу совесни партнери, заминаа и ги оставија работните колективи во тешка положба. Побегнаа. И сега, ако сакаат да се вратат – дали треба да им го расчистиме патот? Секако дека не“, заклучи рускиот претседател.






